Колоректалниот карцином (рак на дебелото црево) е болест која резултира со неконтролиран раст на абнормални клетки кои потекнуваат од дебелото црево или ректумот. Овие клетки имаат способност за континуирана забрзана репродукција, со што всушност ги напаѓаат околните, нормални ткивни структури, а воедно можат и да се прошират и до други органи преку крв или лимфа (метастази).
Болеста може првично да се појави во форма на полипи, кои главно на почетокот се бенигни или во форма на лезии на самото дебело црево. Мошне важно е да се препознаат оние промени кои имаат „предканцерозен“ потенцијал. Во нашата земја се проценува дека секоја година има околу 1000 нови пациенти, а според инциденцата, карцинономот на дебело црево е трета по застапеност малигна болест. Ако колоректалниот карцином се препознае и се лекува во рана фаза (фаза I), додека туморот е локализиран на дебелото црево, стапката на излекување е многу висока, односно стапката на преживување во петгодишното следење е околу 90%. Но, сé е многу покомплицирано доколку ракот се открие во подоцнежните фази (III и IV) односно во метастаски стадиум, и кај ваквите случаеви таа стапка се движи од 10-15% од пациентите.
Ризикот од добивање на рак на дебелото црево значително расте по 50-тата година од животот, и се зголемува во следните години. Глобалната стапка на преживување во петгодишно следење, при што предвид се земаат сите фази, изнесува 61%
Важноста на рано откривање на колоректален карцином
Над 80% од колоректалните карциноми потекнуваат од аденоматозни полипи. Високата преваленца на оваа болест, склоноста на пациентите да го игнорираат појавувањето на симптоми, како и важноста на раното откривање за значително подобар исход на болеста, се главните причини за воведување на програми за скрининг, превенција и рано откривање на рак на дебелото црево. Детектирањето на КРК преку скрининг обично се случува 2-3 години пред дијагностицирање поради појава на клинички симптоми. Според светските статистики најголем ризик според возраста има популацијата од 50 до 75 години. Затоа, најновите истражувања препорачуваат да се започне со скрининг веќе од 45 години возраст.
Исклучително е важно да се нагласи дека скринингот има потенцијал да ја намали смртноста од КРК за околу 60% и значително го подобарува исходот од лекувањето на болеста. Скрининг, превенција и рано откривање на рак на дебелото црево вклучуваат тест за рано откривање на скриена крв во столицата и колоноскопски преглед.
Ризик фактори кои придонесуваат за рак на дебелото црево
Постојат повеќе фактори на ризик поврзани со развојот на колоректален карцином.
- Други заболувања. Забележана е силна поврзаност со одредени болести. Поголем ризик за развој на рак на дебелото црево имаат луѓе со претходно дијагностициран полип или семејна историја на полипи на дебелото црево, воспалително заболување на цревата (улцеративен колитис или Кронова болест), како и оние со претходно дијагностициран рак на панкреас, дојка, јајници или матка.
- Наследен фактор. Како и кај другите видови на рак, сомнежот за колоректален карцином се одредува и според генетската структура. Така, одредени луѓе ги наследуваат состојбите познати како фамилијарна аденоматозна полипоза (FAP) или Гарднеров синдром, при што полипите во цревата се појавуваат без оглед на возраста на пациентот и речиси редовно, и покрај терапијата, доведуваат до развој на рак.
- Начинот на исхрана и животниот стил секако претставуваат важни фактори, а основните препораки се дека диетата со многу овошје и зеленчук го намалува ризикот од развој на колоректален карцином, како и фактот дека прекумерното консумирање на „црвено“ месо, богато со масти и протеини, може да го зголеми ризикот од развој на рак. И секако, заборавете на често конзумирање на алкохол и цигари, и задолжително бидете физички активни.
Симптоми на рак на дебелото црево
Во раната фаза, колоректалниот карцином нема карактеристични симптоми.
Најчестите предупредувачки знаци се:
- промени во празнењето на дебелото црево, вклучувајќи запек и дијареа, чувство на нецелосно празнење, крварење од ректумот.
- траги од крв во или на столицата, промена во конзистентноста и формата на столицата.
- абдоминални болки, придружени со надуеност.
- малаксалост, губење на апетит и губење на тежината.
Веднаш контактирајте со вашиот лекар ако:
- забележите невообичаени промени во ритамот на празнењето на цревата, појава на крв во столицата, не го објаснувајте тоа како крварење од хемороидните вени, туку побарајте упат од Вашиот лекар за колоноскопија.
- нејасни стомачни болки, слабеење, малаксаност, може да бидат симптоми на различни состојби, но се вклопуваат и во клиничката слика на ракот.
- Ви е дијагностицирана анемија. Лекарот треба да исклучи крварење од дигестивниот тракт.
Модалитети на превенција
Превенција на колоректален карцином генерално вклучува три стадиуми:
- Примарната превенција ја истакнува потребата од менувањето на животниот стил во поглед на исхрана и здрави навики што се тесно поврзаи со зголемениот ризик од заразување од овој тип на малигни заболувања.
- Секундарната превенција се однесува на повикот кон сите здрави луѓе да започнат со редовен скрининг веќе на возраст од 45 години, особено оние кај кои наследниот фактор може да предизвика појава на рак на дебелото црево поради семејна историја.
- Терцијарна превенција е всушност доцната, по потврдување на дијагнозата, фаза, која вклучува различни хируршки и рехабилитациони процедури.
Од клучно значење е да се инсистира на примарна и секундарна превенција, особено поради фактот што овој тип на рак сè уште, за жал, често се открива во напредна фаза на болеста кога можностите за какви било тераписки интервенции се многу ограничени. Исто толку е важно да се нагласи дека, доколку се открие во почетните фази, карциномот на дебело црево може да се спречи, да се лекува и да се победи!