Светската статистика вели дека секој втор човек на возраст над 50 години барем еднаш се соочува со проблемот на воспалени хемороиди, имајќи предвид дека возраста односно стареењето се смета за една од главните причини поради која може хемороидите да се воспалат. Појавата не е ретка ниту кај луѓето под оваа возраст, предизвикана од други причини како хроничен запек пропратен со преголемо напрегање при празнење на цревата, прекумерна тежина, бременост, наследен фактор и др. Ова говори дека воспалени хемороиди се јавуваат прилично често, и иако станува збор за дел од телото за кој многумина се срамат да зборуваат, сепак за оваа тема треба отворено да се зборува со лекарите за да овој проблем се реши лесно, брзо и навремено.
За воспалени хемороиди како проблем на модерниот човек, побаравме совети од доцент д-р Владимир Андреевски, субспецијалист, гастроентерохепатолог, во врска со 7 прашања кои луѓето најчесто си ги поставуваат доколку се посомневаат дека имаат проблеми со хемороидите:
Кога да се обратам до лекар гастроентеролог поради проблем со хемороиди?
Ако се сомневате дека имате воспалени хемороиди затоа што сте пронашле крв на тоалетната хартија после голема нужда, или ако чувствувате болка или чешање во аналниот дел, посетете гастроентерохепатолог за да бидете мирни. Дијагнозата на воспалени хемороиди и нивната манифестација се непријатни, но сепак постојат многу посериозни здравствени состојби кои можат да предизвикаат крварење од анусот и затоа потребно е да бидете сигурни дека станува збор само за хемороиди, или можеби за анални фисури. За потврдување на дијагнозата на воспалени хемороиди потребен е преглед на аноректалното подрачје, кој вашиот лекар ќе го изврши и ќе ве насочи кон точниот третман за нивно лечење. Но, доколку чувствувате анална болка која се зголемува или пак забележите анален исцедок, пратено со знаци на инфекција како покачена телесна температура или треска, тогаш задолжително итно да побарате лекарска помош.
Што се всушност хемороиди?
Хемороиди се крвни садови во форма на перничиња кои се наоѓаат веднаш под мукозната мембранска подлога во најдолниот дел од анусот и ректумот. Тие се нормална анатомска васкуларна структура во аналниот канал кои создаваат проблеми кога ќе се воспалат. Воспалување на хемороиди значи дека тие отекуваат или се деформираат.
Хемороидите можат да бидат внатрешни кои се појавуваат во долниот дел од ректумот, и надворешни кои настануваат под кожата околу анусот. Надворешните хемороиди се понепријатни и поболни, и често пати го уништуваат поголемиот дел од епидермисот.
Понекогаш на надворешните хемороиди може да им се блокира снабдувањето со крв поради згрутчување и тие да станат неверојатно болни надворешни тромбозни хемороиди, кои имаат дополнителен ризик од пукање и крварење. Внатрешните хемороиди во голема мера се без симптоми, иако може да предизвикаат мало крварење, за разлика од надворешните кои може да предизвикаат хронична болка, потешкотии при големата нужда и грутки и отоци околу анусот.
Дали и колку воспалените хемороиди се опасни по здравјето?
Воспалените хемороидите се повеќе непријатни отколку опасни, но ако хемороидите крварат повеќе од 10 минути, тогаш задолжително морате на лекар. Многу ретко, обилно крварење од хемороиди може да предизвика анемија. А надворешните тромбозни хемороиди обично се толку болни што ќе сакате да ги средите што побрзо! Хемороидите можат повеќе штета да предизвикаат и врз чувството за самодоверба и за вашата општа благосостојба: зголемен стрес пред одење во тоалет или поради неподносливото чешање особено кога сте во друштво со други луѓе, и секако поради болката. За среќа, за воспалени хемороиди постои решение со кое ќе можете да се ослободите од непријатните симптоми.
Кои се најчестите причини за воспалени хемороиди?
Хроничен запек пратен со преголемо напрегање при празнење на цревата, потоа прекумерна тежина, долгочасовно седење или стоење во случаеви кога професијата тоа го налага, наследен фактор, стареење, недоволен внес на храна богата со растителни влакна се најчестите причинители на хемороидалната болест. Исто така, бремените жени неретко се соочуваат со воспалени хемороиди поради притисокот кој го прави матката врз дигестивниот тракт, но во најголем број на случаеви, ова е само привремен проблем кој трае за време на бременоста и потоа исчезнува. Многу од овие фактори на ризик може да се ублажат со пиење многу вода, вежбање и јадење здрава исхрана богата со влакна за да се помогне варењето на храната.
Дали хемороидите можат да поминат сами по себе?
Зависно воспалението на хемороидите во која фаза е, и дали истите се надворешни или внатрешни. Ако се соочувате со благи надворешни хемороиди, подобрување на исхраната, зголемен внес на вода во организмот, зголемена физичка активност, користење влажна тоалетна хартија или влажни марамици, и секако тука се и кремите кои се препорачуваат против хемороиди, сето ова секако може да ги ублажи симптомите.
Но ако вашиот проблем со хемороидите е посериозен, ваквите промени нема да бидат доволни. Воспалени хемороиди кои многу крварат или ви предизвикуваат тешка непријатност секогаш кога ќе седнете предизвикуваат хронична состојба за која треба да побарате помош од лекар специјалист.
Постојат ли начини да се спречи воспаление на хемороиди?
Постојат голем број промени во животниот стил што можете да ги направите за да ги намалите шансите за воспалени хемороиди. Телесната тежина е важен фактор кој може да придонесе до воспалување на хемороидите. Слабеењето е една од првите мерки кои ќе ви бидат наложени од вашиот лекар. Исто толку е важна и здравата исхрана, особено правилото да внесувате храна богата со растителни влакна. Балансираната исхрана ќе помогне да се избегне воспалувањето на хемороидите. Активно или рекреативно вежбање мора да е дел од вашиот живот, особено доколку вашата работа се состои од повеќечасовно седење пред компјутер. Правете наизменични паузи со стоење. Хемороидите не мора да бидат причина за загриженост под услов да пиете многу вода, да се грижите за себе и никако да не го одолговлекувате одењето по голема нужда.
Како се лечи хемороидалната болест?
Домашно лекување на хемороиди се темели првенствено на промените во животниот стил, истите кои се препорачуваат за нивно спречување. Зголемениот внес на влакна во исхраната (препорачано 20-35гр. Дневно) е задолжителен, но доколку и тој не го ублажува запекот, тогаш се советува примена на лаксативи, кои спротивно на стравувањата, не предизвикуваат зависност и не го зголемуваат ризикот од запек во иднина. Од особена важност е и одржувањето на личната хигиена. Кремите за хемороиди се ефикасни и може да обезбедат привремено ослободување од симптомите, но само кога се соочувате со благо воспалување на хемороиди, односно со надворешни хемороиди. Истото се однесува и на топли купки односно топли бањи кои функционираат така што го подобруваат протокот на крв и го релаксираат внатрешниот анален мускул. Овие локални креми ги третираат симптомите како болка, чешање или печење кои не се основната причина за самата хемороидална болест. Затоа, ако причинител за хемороидите е вашата прекумерна тежина или друг долгорочен проблем, тогаш треба првенствено причинителите да се оневозможат, односно на тие проблеми да се работи паралелно.
Постојат ситуации кога домашното лекување на хемороидите е недоволно и тогаш се соочувате со хронични хемороиди, за кои вашиот лекар ќе треба да препорача понатамошни насоки за третирање кои може да вклучуваат гастроентеролошки ендоскопски и хируршки форми на терапија како лигатура, хируршка ексцизија, склеротерапија и др.