20-ти Септември во светот се одбележува како Меѓународен ден за подигнување на свеста за растот кај децата. Секое отстапување од нормалните стандарди за раст и развивање кај децата се смета за ретко ендокрино нарушување кое се јавува кај 1 во 4.000 дo 10.000 деца. Според официјалните податоци, кај нас се лекуваат 133 деца со нарушување во растот (бројка пријавена во УК за детски болести, 2022), додека пак според анализите и светските статистики, се претпоставува дека, вклучувајќи ги непријавените на Кликиката за педијатрија и недијагностицираните деца, бројката надминува 200. Педијатрите и ендокринолозите предупредуваат дека нискиот раст не е само естетско прашање, туку истиот може да биде показател за повеќе сериозни заболувања, и да резултира со сериозни здравствени проблеми како срцеви аномалии, хронични болести на бубрезите, ниска густина на коските, загрозен имунитет, како и разни психолошки пореметувања.
Што е причината за нарушен раст кај децата и како се карактеризира оваа состојба?
Причините за нарушен раст и проблеми во растот кај децата може да бидат различни – генетски предиспозиции, хормонски нарушувања, системски заболувања, лоша исхрана и др. Се карактеризира со недостаток на хормонот на раст кој се лачи во предната хипофиза кај децата од најмала возраст, а зависно од причината за нарушениот раст се определува третманот односно лекувањето. Доколку на време се започне со лекувањето, децата ќе имаат нормално развивање и нормален живот понатаму.
Како се манифестира и на која возраст веќе може да се воочат први симптоми?
Прва и основна манифестација за нарушен раст кај децата е заостанувањето во растењето во споредба со другите деца. Тоа најдобро се забележува во градинка, кога детето е дел од поголема група деца на иста возраст. Мерењето е задолжително. Доколку висината на детето спаѓа во групата на 10% деца пониски од другите, родителите треба будно да го следат и мерат растењето на детето во наредните 6 и 12 месеци. Доколку се утврди дека детето расте помалку од 4см за една година, тогаш задолжително треба да го прегледа специјалист. Истото важи и во случаеви кога детето со својата висина спаѓа во 3% најниски деца за својата возраст.
За успешно лекување на ова нарушување лекарите се согласни дека клучно е раното препознавање од страна на родителите. Како родителите да препознаат можно нарушување на растот кај нивото дете?
При редовното мерење доколу се забележи дека детето (3год.+) после една година не расте повеќе од 4см, носи ист број на обувки и облека, родителите треба веднаш да реагираат и да го однесат на специјалист педијатар, кој ќе ги направи потребните испитувања за да ја потврди или исклучи дијагнозата на нарушен раст. Во случај дијагнозата да се потврди, веднаш се започнува со третман кој се состои од редовно и континуирано примање на хормон за раст. Клучно за успешен третман и успешно справување со нарушувањето во растот кај децата е со истиот да се започне што порано. За среќна околност при лекувањето на нарушениот раст се смета кога дијагнозата ќе се потврди до претшколска возраст за да веднаш се започне со лекување. На глобално ниво се случува еден непожелен момент при севкупното искуство и третман за ова нарушување, а тоа е дека родителите реагираат дури кога децата се во повисоките одделенија, 4-то, 5-то па дури и 6-то одделение, што се смета за премногу доцна, за да лекувањето биде сосема успешно. Затоа, редовното мерење на децата во домашни околности е клучно!
Доколку родител се посомнева дека негово дете манифестира знаци на нарушен раст, каде да се обрати?
Веднаш треба да се обрати на матичниот лекар на детето, кој ќе даде упат за специјалистички преглед од страна на ендокринолог на Клиниката за Педијатрија.