ХПВ инфекцијата е сексуално пренослива болест предизвикана од хуман папиломавирус – ХПВ. Се смета за клучна причина за рак на грлото на матката кај жените и неретко се поврзува со малигни заболувања на други органи во телото. Потребно е да се нагласи дека секој сексуално активен човек (жени / девојки и мажи) можат да се заразат со овој вирус. Затоа е исклучително важно да се знаат одговорите на следниве важни прашања за оваа инфекција, пред се’, за да се има здрав пристап кон сексуалниот живот и превенција од инфекции.
Што е генитална ХПВ инфекција?
Гениталната ХПВ инфекција е сексуално пренослива болест предизвикана од хуман папиломавирус. Името се однесува на група вируси со повеќе од 100 видови, од кои повеќе од 30 се сексуално преносливи. Повеќето луѓе заразени со ХПВ нема да развијат никакви симптоми, а инфекцијата ќе помине сама по себе. Видовите на вируси кои предизвикуваат значителни абнормалности на пап тестот ги нарекуваме „типови со висок ризик“, чија инфекција може да доведе до развој на рак на грлото на матката или на надворешните гениталии. Другите видови се „ нискоризични“ типови кои обично предизвикуваат мали цитолошки абнормалности на пап тестот или генитални брадавици (кондиломи).
Како се пренесува генитална ХПВ инфекција?
Секое лице кое некогаш имало генитален контакт со лице заразено со ХПВ може да биде заразено. Многу е често сексуално активните луѓе да бидат асимптоматски заразени со ХПВ и само да го пренесуваат на своите сексуални партнери без тоа воопшто да го знаат. Особено е важно младите сексуално активни девојки, уште на почетекот од својот сексуален живот да бидат свесни и соодветно информирани за пренесување на ХПВ и колку тој всушност може да има сериозни последици по женското здравје. Видовите на ХПВ кои го инфицираат гениталниот систем првенствено се шират сексуално. Многу ретко, при вагинално породување, вирусот може да се пренесе од мајка на дете.
Кои се симптомите на ХПВ инфекцијата?
Повеќето луѓе кои се носители на ХПВ не знаат дека се заразени; имено, вирусот живее во клетките на кожата или мукозата и обично не предизвикува симптоми. Може да развијат кондиломи, промени на грлото на матката или на надворешните гениталии. Кондиломите обично се претставени како меки, влажни, подигнати, рамни или папиломатозни, единечни или повеќекратни формации, со розова до црвена боја. Тие може да се појават неколку недели или месеци по сексуалниот контакт со заразено лице, но може да не се појават воопшто. Методите за отстранување вклучуваат примена на креми, или процедури спроведени од лекар.
Како се дијагностицира ХПВ инфекцијата?
ПАП тестот за жените е клучен. ХПВ се дијагностицира врз основа на абнормален ПАП тест. Постојат и специфични тестови за докажување на присуство на вируси во организмот, а најчесто тоа се молекуларни дијагностички методи кои го идентификуваат вирусниот генетски материјал. За мажите сè уште нема вистински тест за дијагноза на ХПВ инфекција, иако се почесто се користат и молекуларни методи.
Каков е третманот за лечење на ХПВ?
Не постои специфичен „лек“ за ХПВ-инфекцијата, иако кај повеќето жени инфекцијата поминува сама по себе. Тоа е таканаречен спонтан клиренс стимулиран од нашиот имунолошки систем. Третманот е насочен кон промени на кожата или мукозните мембрани кои се јавуваат како резултат на ХПВ инфекција.
Која е врската помеѓу ХПВ и ракот на грлото на матката?
Сите типови на ХПВ можат да предизвикаат благи промени во пап тестот без сериозни последици, но некои од нив, во ретки случаи, може да доведат до рак на грлото на матката. Меѓутоа, во мнозинството, односно кај околу 90% од жените, тестот што се користи за да се идентификува присуството на ХПВ станува негативен. Од друга страна, кај одреден, помал број жени, ХПВ инфекцијата трае подолго и како таква е главен фактор на ризик за развој на рак на грлото на матката. Редовните гинеколошки прегледи со пап тест навреме ќе ги откријат почетните промени на грлото на матката и ќе обезбедат адекватен третман. Фактот дека огромното мнозинство жени со рак на грлото на матката не се тестирале редовно е клучен показател за тоа колку е важен редовниот ПАП тест.
Како да се намали ризикот од генитална ХПВ инфекција?
Најбезбедниот начин да се елиминира ризикот од ХПВ-инфекција е апстиненција од сексуални односи со други луѓе, но разбирливо е овој начин да е најретко прифатен. За оние кои се во долготрајна врска, брак или вонбрачно партнерство, можно решение е взаемна моногамна врска со незаразен партнер. Меѓутоа, во секој поединечен случај тешко е да се утврди ХПВ статусот на сексуалниот партнер кој претходно бил сексуално активен.
За сексуално активните луѓе кои не се во долготрајна, взаемно моногамна врска, намалувањето на бројот на партнери го намалува ризикот од ХПВ инфекција. Употребата на кондоми ја намалува инциденцата на рак на грлото на матката, за која се смета дека е болест поврзана со ХПВ инфекција. Од друга страна, улогата на кондомите во спречувањето на ХПВ-инфекцијата сè уште не е позната, бидејќи ХПВ-инфекцијата може да се појави и на деловите што ги покрива кондомот, а особено на другите непокриени делови. Пред неколку години беше развиена вакцина, која денес претставува најбезбеден начин за спречување на ХПВ инфекцијата.
Што велат здравствените системи во државите на Западна Европа и САД за третман и справување со ХПВ инфекцијата кај жените и девојките?
Здравствените национални програми на повеќето држави од Западна Европа и САД препорачуваат вакцини кои содржат неинфективни компоненти од два до девет различни типа на ХПВ, вклучувајќи ги и оние кои најчесто се поврзуваат со рак на грлото на матката. Притоа, потребно е да се истакне дека вакцината не ги третира постоечките ХПВ инфекции или промени на грлото на матката кои се поврзани со ХПВ. Исто така, важноста на редовниот скрининг за карциноми поврзани со ХПВ не се намалува со вакцинација. Вакцината е најефикасна ако се примени пред започнување со сексуалени односи. Така, повеќето национални програми препорачуваат вакцинација на возраст од околу тринаесет години.
Дали вакцините се безбедни?
Од 2006 година, дистрибуирани се повеќе од 120 милиони дози вакцини. Освен благи несакани ефекти (кои вклучуваат болка, црвенило и оток на местото на инјектирање и губење на свеста што може да се појави при секоја инјекција), нема докази за посериозни несакани ефекти. Според тоа, вакцината е оценета како безбедна и сигурна.
Редовни гинеколошки прегледи и пап тестови се неопходни
Дури и ако девојките се одлучат за вакцини, мора да продолжат со редовни гинеколошки прегледи и пап тестови бидејќи пред се’, вакцината нема да заштити од сите типови на ХПВ. Поради честото и лесно инфицирање со ХПВ кај целата сексуално активна популација, неопходно е припадничките на понежниот пол од самиот почеток на својот сексуален живот, редовно да прават гинеколошки прегледи со цел, и при инфицирање со ХПВ, истиот соодветно да се третира во насока на превенирање од можни сериозни здравствени проблеми и последици предизвикани од хуманиот папилома вирус.