Корпоративни новости

Скопје, 15.10.2020 г. – Денеска, во присуство на Градоначаникот на Град Скопје, Петре Шилегов, директорката на Детскиот културен центар „Карпош“, д-р. Билјана Лалчевска Серафимовска, менаџментот на фармацевтската компанија „Варус“ го предаде во употреба новиот едукативен центар кој ќе можат да го користат деца и млади од 5 до 17 години, за надградување на своите вештини и знаења од областа на природните науки. Бионика Фармацеутикалс и Новос заедно со Варус се дел од една заедника групација  каде оваа донација претставува еден наш заеднички мал придонес во развојот на потенцијалите на нашите најмлади истражувачи и идни научници во државата.

Станува збор за донација со која компанијата „Варус“ го одбележува својот 30 годишен јубилеј. Едукативниот центар е опремен со интерактивен панел кој овозможува 3Д модели од анатомија, микроскопи, анатомски модели од човековото тело, модели на ДНК, целосен хемиски лабораториски сет и апарат за дестилација. 

„Како одбележување на 30 годишнината на „Варус“, овој центар за природни науки претставува наш мал придонес во развојот на потенцијалите на нашите најмлади истражувачи и идни научници во државата. Ова е место, со кое се надеваме дека дополнително ќе го поттикнеме нивното љубопитство за природни науки, каде ќе можат да ги прошират своите хоризонти и да ги остварат своите идеи“,- изјави Марко Нововиќ, извршниот директор на компанијата „Варус“ и истакна дека ова е само еден од низата општествено одговорни проекти на кои компанијата работи години наназад и ќе продолжи да работи и во иднина. 

Директорката на Детскиот културен центар „Карпош“, д-р. Билјана Лалчевска Серафимовска изрази благодарност до компанијата „Варус“ и истакна:

„Нема поважна инвестиција од онаа кога се инвестира во младите генерации.  Ова катче е создадено  со многу љубов и  внимание  заедно со компанијата „Варус“, каде на младите посетители ќе им се овозможи да ги развиваат своите вештини, да го надградат своето знаење, критички да размислуваат, да истражуваат, да носат сопствени заклучоци. Дополнително, „Варус“ хортикултурно го уреди и надворешниот простор, една мала ботаничка градина, во која децата и нивните родители навистина  уживаат во паузите помеѓу активностите, кои секако во целиот Центар се одвиваат под посебни протоколи за заштита од Ковид 19.“

Овој проект е реализиран благодарение на одличната соработка меѓу сите чинители и со голема поддршка на Градот Скопје. Оттаму ја препознаа неговата вредност за младите генерации, дополнително земајќи ги предвид исклучителните услови во кои, оваа година, се одвива образовниот процес.

Денеска е убав ден за Детскиот културен центар „Карпош“, отвораме нов едукативен центар благодарение на општествената одговорност на компанијата „Варус“. Станува збор за центар во кој нашите деца, нашите ученици, ќе можат надвор од своите редовни школски активности да ги развиваат своите афинитети кон природните науки во најсовремени услови кои беа овозможени благодарејќи на оваа донација. Ќе ги повикам и другите општествено одговорни компании во нашиот град да инвестираат во знаењето на децата, на оние кои ќе треба да бидат носители во нашето општество. Благодарност и до вработените во ДКЦ кои несебично се вложуваат со натчовечки напори во овие тешки услови во кои живееме активностите на децата да не запрат – рече градоначалникот Петре Шилегов.

Напишете коментар